Инфантино најави големи промени во фудбалот, кои и одговараат на Македонија

Светското првенство би можело дополнително да се прошири во иднина, иако актуелниот турнир оваа година за првпат се игра во формат со 48 национални селекции.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, изјави дека по Светското првенство 2026 ќе се дискутира за можноста за проширување на натпреварувањето на дури 64 селекции.

„Сите овие се прашања што ќе ги разгледаме по Светското првенство“, изјави Инфантино.

Првиот човек на ФИФА верува дека Светското првенство мора да биде натпреварување кое му припаѓа на целиот свет, а не само на традиционално најсилните фудбалски региони.

„Кога го организирате Светското првенство, важно е да го организирате за целиот свет – не само за Европа и Јужна Америка, туку навистина за целиот свет. Секоја нација треба да има право да сонува за учество на Светското првенство“, рече Инфантино.

Тој оцени дека првото Светско првенство со 48 екипи било „огромен успех“, особено истакнувајќи ги резултатите на африканските национални селекции, од кои дури девет од десет стигнаа до нокаут фазата.

„На последното Светско првенство имаше само пет екипи од Африка. Тоа само покажува колку е важно да се вклучат сите екипи и да им се даде можност да учествуваат“, рече Инфантино.

Официјален предлог за проширување на Светското првенство во 2030 година на 64 репрезентации беше поднесен од КОНМЕБОЛ во април 2025 година, но одлуката сè уште не е донесена.

Светското првенство во 2030 година треба да се игра во Шпанија, Португалија и Мароко, додека првите три натпревари ќе се одржат во Аргентина, Уругвај и Парагвај, како дел од 100-годишнината од првото Светско првенство, кое беше организирано во Уругвај во 1930 година.

Сепак, идејата за 64 репрезентации наиде на сериозен отпор.

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, ја нарече „лоша идеја“ и за самиот турнир и за квалификациите, додека претседателот на Азиската фудбалска конфедерација, шеикот Салман бин Ибрахим Ал Калифа, предупреди дека новото проширување може да донесе „хаос“.

Виктор Монтаљани, претседател на КОНКАКАФ, исто така е против тоа, бидејќи верува дека таков предлог „не изгледа исправен“ и би можел да му наштети на поширокиот фудбалски екосистем.

Засега, ФИФА тврди дека ќе ги разгледа сите предлози со релевантните страни, но нема индикации дека би можела брзо да се донесе одлука.

Се вчитува...