Драма: Кога не оди, има пенал – Реал е во полуфинале

Реал Мадрид во неверојатен натпревар успеа да се пласира во полуфиналето од Лигата на шампионите, со пеналот што го постигна Кристијано Роналдо во 93. минута. Како и многу пати претходно во минатото, кога не им оди најдобро „кралевите“ добиваат удар од белата точка, иако овојпат навистина постоеше старт за такво нешто од Бенатија врз Васкез. Кристијано Роналдо беше човек на одлука реализирајќи го пеналот во 97. минута за 1-3, кршејќи ги срцата на фудбалерите на Јувентус, пред се на Џиџи Буфон, кој бесен на судиската одлука доби црвен картон на својот последен натпревар во Лигата на шампионите.

Реал минатата седмица славеше со 0-3 среде Торино и се чинеше дека пласманот во полуфиналето е готова работа за европскиот првак, но „старата дама“ имаше поинакви планови. Марио Манџукиќ беше играчот што ја врати самоовербата кај гостите со два гола во првото полувреме, пред Матуиди да зголеми на 0-3 во второто полувреме. И кога сите беа во исчекување на продолженија, Васкез беше фаулиран од Бенатија, а судијата Оливер покажа на белата точка.

Гостите беа бесни, а најмногу од сите полуде вообичаено мирниот Буфон, кој згора на тоа доби и црвен картон. Во игра влезе Шчешни, но Полјакот беше немоќен да го запре Кристијано Роналдо, кој го постигна голот за 1-3 што го одведе Реал во полуфиналето од Лигата на шампионите.

Во меѓувреме, Баерн Минхен рутински си ја одработе задачата на реваншот против Севилја, ремизирајќи 0-0 за пласман во полуфиналето. Баварците не одиграа онака како што знаат и умеат, но умешно го држеа противникот подалеку од својот гол, не дозволувајќи му да приреди сензација по оние 1-2 на првиот меч во Севилја.

Се вчитува...