Драма, Мијатовиќ и триумф на Блокотехна над Работнички

Блокотехна во драмaтичен финиш го победи Работнички во дуелот од претпоследното коло од Супер-лигата во домашниот кошаркарски шампионат. Славеше тесна победа со 90-89.

Ривалите од финалето на Купот одиграа исклучително неизвесен натпревар во кој поголема разлика екипите имаа само во првото полувреме. Воведниот сегмент му припадна на Работнички со 32-20, но во вториот период Блокотехна возврати адекватно (22-11), па на полувремето предноста на гостите беше само еден поен. Израмнетата трета четвртина го внесе натпреварот со резултатска неизвесност во решавачките десет минути во кои во финишот се решаваше побендикот.

На три минути пред крајот екипите повторно беа израмнети 81-81. Блокотехна потоа се одлепи на плус четири, дистанца која Работнички ја достигна со тројката на Чавдар Костов на 40 секуди до крајот. Потоа Брендон Пен погоди само едно слободно фрлање, а Марјан Јаневски беше прецизен на пет секунди, но пресуди погодокот на Данило Мијатовиќ буквално во финишот за триумф на домашниот состав.

Фундербург со 31 поени беше најефикасен кај Блокотехна, Пен постигна 23 поени. Кај Работнички со по 20 поени средбата ја завршија Костов и Караџовски.

Се вчитува...