Драма на дербито во Торино: Јуве го победи Интер и остана во игра за ЛШ

Јувентус во супердраматичен натпревар славеше над Интер со 3-2, задржувајќи си ги шансите за четвртото место во Серија А кое води во Лигата на Шампионите наредната сезона. „Старата дама“ речиси цело второ полувреме го одигра со играч помалку, па дури и кога Интер постигна гол за израмнување домаќините најдоа начин да стигнат до триумф, со пеналот што го изнуди и го реализираше Квадрадо.

Мечот почна со погодокот на Роналдо, откако Ханданович го одбрани неговиот пенал, но Португалецот се најде на вистинското место и одбиената топка ја смести во мрежата. Интер израмни од пенал, Лаутаро беше фаулиран од Де Лихт, а Лукаку од белата точка го совлада Шчешни. Се очекуваше на одмор да се замине со израманети 1-1, но пред самиот крај на полувремето Квадрадо со „бомба“ од работ на шеснаесетникот го врати Јувентус во водство.

„Старата дама“ остана со фудбалер помалку во 55. минута по исклучувањето на Бентанкур, а Интер иницијативата ја круниса со гол преку Лукаку. Овој погодок најпрвин беше поништен поради фаул од Лукаку над Кјелини, но со ВАР беше утврдено дека дефанзивецот на Јуве влечел за дрес пред да падне, па голот на крајот беше признаен. Сепак, Јувентус и со играч помалку успеа да постигне трет гол, повторно стрелец беше Квадрадо, кој го одржа сонот наречен ЛШ на „старата дама“.

Јувентус сега има два бода повеќе во однос на Наполи, но за да се задржи на четвртото место ќе му треба услуга од Фиорентина, која утре не смее да загуби од „наполитанците“.

Се вчитува...