Драма во Автокоманда: Трајкоски го запре Тиквеш, Алкалоид осамен на врвот

Алкалоид останува осамен на врвот на табелата во македонскиот плејоф откако „сино-белите“ од Автокоманда славеа со 26-25 на дуелот со Тиквеш. Кавадарчани се покажаа како незгоден ривал, се играше максимално израмнето до самиот крај, но пресудија одличните интервенции на домашниот голман Благојче Трајкоски, кој му ја донесе големата победа на Алкалоид.

Дуелот почна со израмнета игра, но неочекувано Тиквеш беше тимот што прв се одлепи, откако по водството на домаќините од 6-5, гостите од Кавадарци дадоа пет гола во низа и поведоа со „плус четири“ (6-10). Тоа беше знак Лазаров да го внесе Трајкоски на голот на местото на младиот Галевски, по што Алкалоид влезе во ритам. Домаќините одиграа извонредно во финишот од првото полувреме, откако по негативата од 8-12 во 24. минута, во преостанатите шест минути врзаа шест гола во серија и заминаа на одмор со „плус два“ (14-12).

Алкалоид го одржуваше водството и во текот на второто полувреме, но одличниот состав на Тиквеш не само што не се предаваше, туку во финишот успеа и целосно да се врати. При 25-25 на три миунти до крајот голманот Велков го запре пеналот на Мартин Серафимов (домашните шутираа 3/7 од седум метри), но Трајкоски на спротивната страна го запре шутот на Симиќ. Серафимов погоди клучен шут под закана од пасивен напад за 26-25, Тиквеш имаше напад за израмнување, но Трајкоски го запре и Манасков, за огромна радост на домашниот состав и втора победа од стартот на плејофот.

Мартин Серафимов со осум гола беше прв стрелец на Алкалоид, седум постигна Митев, а пет Џонов. Во таборот на Тиквеш најефикасни на денешниот натпревар беа Гачевиќ, Симиќ и Манасков со по шест погодоци.

Се вчитува...