Драма во Бугарија: Времето им пресуди на ТФТ во БИБЛ, нов пораз од Берое

Македонскиот кошаркарски суперлигаш ТФТ забележа уште еден пораз во БИБЛ лигата откако загуби на гостувањето во Бугарија против Берое со 91-90. Домашниот состав го наметна своето темпо од самиот почеток на натпреварот, па динамичната игра на домаќините и слабата одрбана на ТФТ резултиртаа со водство на Берое од 32-23 во првата четвртина. Ваквата одлична поставеност на тимот од Бугарија ја навести доминација над македонскиот состав и во продолжение.

Првите минути од втората четвртина беа доста тврди и за двата тима, домаќините направија неколку грешки во нападот, а гостите не останаа должни па им возвратија. Агресивноста и на двете екипи во одбраната резултираше со помал број на поени, но многу поголем број на фаули кои донесоа кошаркарите и на двете страни да бидат во бонус и често да се најдат пред линијата за слободни фрлања.

Домаќините продолжија во ист ритам и на почетокот на третата четвртина, неколку тројки во првите минути им овозможија да се одлепат и да ја зголемат разликата. ТФТ се повеќе губеше концентрација во одбраната и нападот, а вакиот начин на игра овозможи Берое рутински да ја заврши тертата четвртина со 31-25.

Последната четвртина беше и последната надеж на избраниците на Смилковски, но домаќините не попуштија и ја задржаа веќе обезбедената предност. Во последните минути имаше вистинска драма откако ТФТ успеа да намали на 85-87, но следуваше лесна акција за Берое и зголемување на предноста. На крај времето им пресуди на кошаркарите на ТФТ, па иако постигнаа тројка и намалија на еден поен разлика и резултат од 91-90, се слушна сирената која го означи и крајот на натпреварот. Бренден Бејли беше најрасположен во составот на ТФТ со 19 поена, 4 скока и 2 асистенции. Со овој пораз ТФТ дефинитивно ги загуби шансите за пласман во следната фаза од БИБЛ лигата.

Се вчитува...