Драма во Полска – Корнецки спречи сензација на Порто

Киелце по огромна битка успеа да слави над Порто со резултат 32-30, триумф што требаше да биде осигуран многу порано со оглед на импресивниот старт и убедливото водство што полскиот првак го имаше по првото полувреме (19-14). Никола Митревски со неколку добри одбрани го врати тимот во ритам, а потоа на голот застана Квинтана, по што Порто фуриозно ги одигра завршните десет минути и целосно се врати во мечот. Во супердраматична завршница при 31-30 Квинтана одбрани зицер на Карачиќ, по одбиената топка Турна промаши цел гол, па Порто имаше напад за израмнување во последната минута.

Гостите одиграа одлично на пивот, но голманот Корнецки (влезе во второто полувреме на местото на Волф) беше херој на полскиот првак бранејќи го клучниот шут, за на крајот Киелце со гол со звукот на сирената да слави со 32-30. Алекс Душебајев беше најефикасен на натпреварот со десет погодоци, пет постигна Карачиќ, додека Соуса со шест погодоци беше прв стрелец на Порто при вечерашниот пораз.

Екс-ју дербито меѓу Целје и Загреб заврши со минимална победа на словенечкиот клуб од минимални 29-28. Гостите имаат за што да жалат ако се знае дека во последните две минути имаа три напади за израмнување при 29-28, имаа две загубени топки, за буквално во последните секунди Крстиќ од идеална позиција да биде крај дирекот, за огромно разочарување на тренерот Шола и неговите избраници.

 

Се вчитува...