Драма во прволигашкото дерби: Голден Арт се врати од „минус три“ и за две минути стигна до реми против Алкалоид

Суперинтересно беше денешното дерби на Првата ракометна лига, во која силите ги одмерија градските ривали Алкалоид и Голден Арт, два клуба кои воедно важат и за главни конкуренти за влез во елитното друштво. По голема борба,мечот на крајот заврши без победник, 25-25, и тоа благодарение на феноменалниот финиш на гостинските ракометари, кои во последните две минути се вратија од „минус три“ и стигнаа до голем бод против директниот ривал.

Почетокот на натпреварот мина во знакот на Голден Арт, гостинските ракометари подобро се снајдоа на теренот и набрзина поведоа со четири гола разлика (4-8). Голден Арт ваквата позитива ја одржуваше до пред самиот крај на полувремето, на одмор заминувајќи со водство од 10-13. Избраниците на тренерот Матлиевски потоа во вториот дел повторно за момент стигнаа до четири гола позитива (11-15), но Алкалоид направи пресврт кон средината на второто полувреме. По водството на Голден Арт од 16-19 домашните ракометари направија серија од 5-0 и целосно го свртеа резултатот во своја корист. При предност на домаќините од 25-22 се чинеше дека победникот е решен, но Голден Арт возврати со експресна серија од три гола и со погодокот на Даев во 60. минута стигна до реми. Алкалоид имаше последен напад за победа, но Даскалоски успешно интервенираше, спасувајќи бод за гостинскиот состав.

Ивица Илиев од Голден Арт беше убедливо најдобар поединец на мечот постигнувајќи 13 погодоци, четири гола за гостите постигна Давид Даев, додека во таборот на Алкалоид најефикасни беа Ѓоргиев со шест и Илиески со четири погодоци.

Се вчитува...