ДРИБЛИНГ: Единица мерка за фудбалска големина не е Гибралтар!

ДРИБЛИНГ

Владимир Булатовиќ

Фудбалска Македонија отсекогаш сонува кога ќе порасне да игра на Европско! Ама, никако да порасне… Или, барем, ние уште никако да видиме дека вистински расте! Затоа што растот се забележува кога на мегдан ќе се истрча против помоќните, подобрите, поискусните од себе… Дуелите против послабите се во голема мера само залажување за вистинските вредности! Онака како што и Лигата на нации е чисто само еден вид подарок и оние помалите да го одживеат својот сон. Па, да помислат дека ете фудбалски пораснале.

А, колку сме ние уште далеку од најдобрите на Стариот континент ни потврдија последните два квалификациски дуели против Полска и против Австрија. Репрезентации кои не се, во суштина, ниту од топ-нивото на Европа… А, за нас толку недостижни!? Два натпревари кои, на некој начин, ни беа најавени и преку оној убедлив пораз од Ерменија на гости, или оние „проблематични изданија“ и против Гибралтар и Лихтенштајн кои беа покривани единствено со победите. Ама, било каква ука од нив очигледно не добивме, па ароганцијата која ја носевме изминатиов период сега си доби една убава шлаканица испратена и со порака дека единица мерка за фудбалска големина не е Гибралтар! Ниту пак Лихтенштајн, па ни Ерменија…!

**** Неуспехот е недостаток на снаодливост, инает, емоции…

А, Македонија не е дека нема ресурси за успех. Ја имаме една од најдобрите генерации од независноста, избор на репрезентативци кој, да не се лажеме, е тој што генерално и треба да биде…, услови за работа на националните тимови како никогаш досега, постојан финансиски импулс преку награди од федерацијата и комплетна поддршка од спортската јавност… Само што неуспехот не е недостаток на ресурси, туку реален недостаток на снаодливост, инает и емоција. А, нашата репрезентација очигледно уште не знае како е да се снајде во моментот кога треба да се направи чекорот за доближување до елитата!

Интересно е како оваа генерација фудбалери е понесена од огромната самодоверба која владее во неа, што не беше препознатливо за претходните. Нешто кое е без збор одлично. Само што може да стане проблематично кога самодовербата ќе се преточи во самобендисаност – и тоа онаа најлошата, без никаква основа. Е, тогаш ви се случува Австрија… И, сега, чесно е да се каже дека претходните генерации немале можност да играат Лига на нации, а биле повеќе од жестоко критикувани, заедно со селекторите, за поразите и начинот на кој се губи од селекции од рангот на Полска или Австрија, па и подобри. Па, кога ќе се компарира, а притоа се исклучи Лигата на нации, има ли разлика од тогаш и сега? Резултатска, како тргнало и низ овие квалификации, никаква!

*** Единица мерка за позитивна атмосфера не е урликање во соблекувална по триумф над потпросечни селекции

Единството и позитивната атмосфера постојано беа нагласувани изминатиот период како наш силен адут плус во овие квалификации. Само што, можеби токму сега е време да се каже дека кога се работи за национален тим единица мерка за позитивна атмосфера не е урликање во соблекувална по триумф над потпросечни селекции. Напротив, репрезентацијата е институција во која секој мора да си го знае местото и позицијата, одговорноста и обврските, па и моментот кога треба да се слави и што… Затоа што во спротивно, лесно, позитивната атмосфера може да оддава слика на хаотична маалска група во која само поединци си се забавуваат. А не државна репрезентација! И во тој контекст, без сомнение, треба да се знае и дека единица мерка за професионалност не е бегство од новинарите по пораз, со чест на исклучоците како Стефан Ристовски, Николов и Адеми кои покажаа големина. Истите оние новинари кои фудбалерите ги издигнуваа на ниво на национални херои по освоено прво место во групна фаза од Д категорија на Лига на нации.

Како и да е, овие два порази се добредојдени со добра поука во вистински момент за да не го загубиме фокусот од она што е за нас централно на патот кон ЕП 2020, а тоа е полуфиналето против Косово во Лигата на нации следната година. Има време да созрееме дотогаш на вистински начин а фудбалерите да разберат дека има уште многу да растат за да стигнат до нивото на замислени ѕвезди. Спуштање на земја ќе биде добредојдено…, за да не „експлодираме“ против Косово уште потрагично од сега!

Се вчитува...