Дрогришки: Овој бод е голем како планина!

Ремито со Исланд на македонската ракометна репрезентација и го донесе посакуваното трето место во групата Б. Како третопласирани, избраниците на Лино Червар ја избегнаа Франција, а во осминафиналето ќе се пресметаат против Норвешка.

Следниот противник не треба да се потцени, но доколку колективот игра со самодоверба како на изминатите два натпревари, позитивните резултати се неизбежни, смета Стефан Дрогришки, дебитант во националниот дрес на овој Мундијал.

„Овој натпревар го доби колективот. Не е важно што јас почнав, па потоа бев и на клупата. Сите што настапија беа максимално концентрирани бидејќи знаевме што значи овој натпревар за нас. Овој бод е голем како планина. Сега мораме исто да играме и против Норвешка која во последните неколку години е во подем. Играат модерен ракомет, со млади играчи, но имаат и искусни како поддршка. Ако одиграме квалитетно колективно и се бориме како во последните два дена мислам дека можеме сите да ги надиграме“ – вели Дрогришки

Се вчитува...