Дуел на „бомбардерите“: Лазаров против Билик, кој ќе се радува на крајот

ЕКИПА во Виена,

Стеван Цаневски

Ќе се води битка до последниот атом на силите, а на двајцата селектори им е јасно што треба да се стори за да се победи, Австријците мораат да го неутрализираат Кире Лазаров, додека Македонија мора да најде лек за да го запре Билик. Само проблемот е, што полесно е тоа да се каже отколку да се направи бидејќи и македонскиот и австрискиот „бомбардер“ играат беспрекорно на стартот од овој европски шампионат.

Билик одигра натпревар за паметење во првото коло против Чешка, постигнувајќи 12 гола од вкупно 13 обиди. Асот на Кил потоа беше во главна улога и против Украина, со десет погодоци предводејќи ја Австрија до втора победа во групата Б.

Лазаров отвори со осум гола од 15 обиди во победата над Украина, но македонскиот капитен одигра беспрекорно против Чесите, со 11 гола од 13 обиди, што сепак се покажа недоволно за Македонија да стигне до триумф со кој ќе беше осигурана следната рунда.

Двајцата врвни бекови воедно се и колективни играчи, па и Билик и Лазаров имаат просек од по седум асистенции по натпревар, а официјалната статистика вели дека Австриецот во просек губи по една топка на меч, двојно помалку од македонскиот капитен. Билик минува на теренот повеќе време (неполни 48 минути, наспроти 35,7 на Лазаров), поради фактот дека македонскиот репрезентативец не е дел од дефанзивната зона, додека најдобриот Пајович го употребува најдобриот австриски ракометар и во одбраната.

Лазаров има повисок скок, со одраз од дури 74 сантиметри (највисокиот скок на Билик е два сантиметри понизок), но Австриецот има нешто посилен шут (124 наспроти 118 километри на час).

Статистиката само потврдува дека станува збор за две ракометни величини, но на теренот во „Штадхале“ може да има само еден победник. Лазаров во својата фантастична кариера добил безброј вакви дуели „да се биде или не“, нека се повтори таков епилог и вечерва во Виена.

Се вчитува...