Кевин Дурант влезе во конфликт со Дрејмонд Грин по последниот пораз од ЛА клиперс, а страстите во таборот на Голден Стејт воопшто не се смируваат. Американските медиуми информираат дека Дурант веќе подолго време не е омилен во соблекувалната на „воините“, особено во ситуациите во кои Стеф Кари е повреден, па Дурант безуспешно се обидува да се наметне како лидер на екипата.
Фактот дека Дурант веќе ставил до знаење дека нема намера да потпише нов договор со клубот, а во меѓувреме флертува со заинтересираните екипи за трансфер во наредната сезона, го прави олстар кошаркарот максимално непопуларен во својот тим.
Американските новинари кои го следат тимот на Голден Стејт информираат дека „веќе не постои ниту еден процент шанса Дурант да остане во овој тим“, а во меѓувреме се разгледуваат и опциите овој кошаркар да си замине во текот на сезонава, за Голден Стејт барем со беспрекорна тимска атмосфера да влезе во плејофот. Заинтересирани има многу, во преден план е ЛА лејкерс, кој сака да го обедини Дурант со Леброн Џејмс, но останува да се види дали „езерџиите“ ќе тргнат во офанзива пред март, со што и самите би си ги зголемиле шансите за што подобар пласман оваа сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА