Дурант се врати – Голден стејт убедлив, рекордни 59 поени на Лилард!

Кошаркарите на Голден стејт убедливо славеа против Њу Орлеанс на домашен паркет со 123-101, во натпревар во кој на терен се врати Кевин Дурант по повредата на коленото која ја доби на почетокот од минатиот месец.

Дурант мечот го заврши со „дабл-дабл“ од 16 поени и 10 скока, со плус шест асистенции за 31 минута игра. Кај Вориорс најефикасен беше Клеј Томпсон со 20 поени, а Стеф Кари не настапи поради проблеми со коленото.

Портланд, исто така, убедливо славеше против Јута со 101-86 запишувајќи важна победа во битката за последното место кое води во доигрувањето на Западот.

Феноменална партија за Портланд имаше Демиан Лилард со 59 постигнати поени, од кои девет тројки од 14 обиди. Лилард постави рекорд на кариерата, соборувајќи го и рекордот на франшизата по број на постигнати поени на еден натпревар. Плус имаше и шест скока и пет асистенции.

Кошаркарите на Индијана славеа на гостувањето против Орландо со 127-112. Ова е за нив значаен триумф во битката за место во плеј-офот на Истокот. Пол Џорџ имаше феноменална партија со 37 поени, дополнети и со седум скока и шест асистенции.

Чикаго, пак, неочекувано загуби на гостувањето против најлошата екипа на Истокот, Бруклин со 107-106. По овој пораз Чикаго ги намали шансите за обезбедување плеј-оф на Истокот.

Чикаго во моментов се наоѓа на осмата позиција на Истокот со ефект 39-41, а Мајами има победа помалку, но и натпревар помалку од Булси. Мајами изминатава ноќ славеше против Вашингтон со 106-103.

Бостон во синоќешните дуели од НБА лигата славеше на гостувањето против Шарлот со 121-114. Ајзеа Томас го предводеше Бостон до победата со 32 поени, а го следеше Ал Хорфорд со 16 поени и седум асистенции. Кај Шарлот се истакна Николас Батум со 31 поен, а Кемба Вокер постигна 23 поени, дополнети и со осум асистенции.

Се вчитува...