Дури 102 трансфери во македонската женска одбојка во летниот период, само 24 кај мажите!

Летниот трансфер период за домашни играчи во македонската одбојка официјално беше затворен на 31 август, а според молбите за промена на средината доставени до канцеларијата на Одбојкарската федерација на Македонија сериозна „миграција“ на одбојкарки имаме во пресрет на новата сезона.

Кај жените доставени се дури 102 барања за трансфери, за разлика од „скромните“ 24 молби кај мажите.

Дел од сениорските репрезентативки побараа промена на средината, а од редовите на шампионот Работнички Скопје желба да заминат имаат три одбојкарки – техничарот Јана Балов, која побара да премине во Младост УГД, либерото Фросина Трајковска која сака да се „пресели“ во Пелистер Волеј, како и една од најискусните одбојкарки Антонија Баталаковска, која треба да го засили ЖОК Вардар ЕМ.

Капитенот на женскиот национален тим, Емилија Попјордановска бара „трансфер“ во ЖОК Вардар ЕМ, додека на нејзино место во Газели Волеј треба да дојде репрезентативната колешка, Надица Антевска, која претходно го носеше дресот на Јанта Волеј КВ.

Скоро и да нема клуб во Првата женска лига кој не прави сериозни промени во составот. Работнички Скопје во своите редови ја сака Бојана Мороевиќ од Јанта Волеј КВ.

Новиот прволигаш Фламинго Волеј исто така гради тим со кој ќе може соодветно да се спротивстави на клубовите од новото друштво. Активни се и дел од второлигашките клубови во пресрет на новата сезона.

Во машка конкуренција, пак, најзвучно е враќањето на Александар Љафтов дома, односно во редовите на шампионот УГД Штип. Уште еден репрезентативец Филип Маџунков е повратник на домашната сцена и тој ќе оди во матичната Струмица 47&72.

Се вчитува...