Душебајев: Одлично што ќе нема публика во „Јане Сандански“, тешко се игра во пеколна атмосфера

Тренерот на Кјелце, Талант Душебајев вели дека неговиот тим денеска доаѓа во Скопје во нешто порелаксиран амбиент затоа што знае дека натпреварот против Вардар во Лигата на шампионите ќе се игра без публика.

Поради пандемијата на коронавирусот во Македонија спортските натпревари се играат без присуство на публика, па инаку вообичаено пеколниот „Јане Сандански“, сега ќе биде празен.

„Тоа е одлично за нас. Изминатите години имаа огромна поддршка од трибините и беше тешко да се игра во таква атмосфера. Сега без публика на трибините нашите шанси се поголеми“ – вели Душебајев, притоа дополнувајќи:

„Но, без разлика на се, Вардар е навистина квалитетен тим. Одиграа одличен натпревар против Фленсбург. Се работи за борбен тим кој игра максимално на терен. Амбициите повторно се да се пласираат на Ф4 и затоа се дополнително опасни“.

Натпреварот меѓу Вардар и полскиот Кјелце во Лигата на шампионите се игра со почеток од 18:45 часот.

Се вчитува...