Душебајев пред отказ, Полска се избламира и во Белорусија

Талант Душебајев се наоѓа пред отказ како селектор на Полска откако оваа селекција во третото коло го претрпе и третиот пораз во својата група, овојпат со преубедливи 32-23. Со тоа, Полјаците се најдоа на работ на амбисот и сега имаат само теоретски шанси за пласман на ЕП во Хрватска, со што уште повеќе се „затресе столчето“ на трофејниот стратег, кој не ги оправда очекувањата како предводник на националниот тим откако со Кјелце стана европски клупски првак.

За денешниот дуел Полјаците повторно ги имаа во своите редови Лијевски и Бјелецки, но ниту двајцата ветерани не помогнаа да се поправи впечатокот кој е очаен од самиот старт на овие квалификации. Резултатот беше тесен се до средината на првото полувреме (7-6), за потоа домаќините да заиграат поефикасно во нападот, на одмор да заминат со 15-10 и на крајот да слават со убедливи девет гола разлика.

Каралек со седум гола беше прв стрелец на Белорусија, додека Крајевски со пет погодоци бешее најефикасен во редовите на Полска.

Белорусија и Романија се на делба на првото место во оваа група со по четири бода, пред Србија со два и Полска без ниту еден освоен бод во досегашниот дел од квалификациите (со тоа што Романија и Србија вечерва го играат својот меч од третото коло.

Се вчитува...