Душебајев: Следи „Закон на џунглата“, само најсилните ќе преживеат

Шефот на стручниот штаб на Киелце, Талант Душебајев, не крие дека стравува од нов егзодус на квалитетни играчи од полскиот првак, поради финансиската криза што ќе произлезе од коронавирусот. Дел од спонзорите на Киелце веќе најавија намалување на инвестициите, па Душебајев јавно побара помош за да биде спречено повторно да се случи најдобрите ракометари да си заминат од тимот.

„Секако дека стравуваме од кризата, бидејќи следи „Законот на џунглата“, во кој ќе преживеат само најсилните. Ако имавме поголем буџет, ќе ги задржевме и Блаж Јанц и Лука Циндриќ. Свесни сме дека големите клубови веќе им пристапуваат на наши ракометари и им нудат поголеми плати од оние во Киелце, затоа и јавно бараме поддршка од градот, од регионот и сите оние кои се грижат за нашиот клуб“, истакна Душебајев.

Лука Циндриќ минатото лето го напушти Киелце во милионски трансфер во Барселона, Блаж Јанц тргна по стапките на хрватскиот бек, а лесно може да се случи уште неколку ракометари да го напуштат полскиот првак во текот на летово.

Ситуацијата будно ја следат и челниците на Вардар, кои се обидуваат да го убедат Игор Карачиќ да се врати назад во таборот на „црвено-црните“.

Се вчитува...