Душко Ивановиќ ја понижи Барса, дербито на дното за Асвел

Душко Ивановиќ доби отказ од Црвена Звезда, но овој стратег се покажува како полн погодок за Басконија, откако го предводеше шпанскиот тим до уште една голема победа во Евролигата, демолирајќи ја Барселона со преубедливи 94-71. Откако минатата седмица го совлада Олимпијакос на гостински терен, Ивановиќ денеска постави беспрекорна тактика и за Барса, ривал што беше нокаутиран за само дваесет минути игра, откако Басконија на одмор замина со водство од 55-29.

Каталонците предводени од Лапровитола само за момент покажаа знаци на живот во третата четвртина, но Басконија набрзо се врати во својот препознатлив ритам, повторно стигна до преубедлива предност и на крајот заслужено славеше со огромни „плус 23“.

Хауард ги предводеше стрелците на Басконија со 26 поени, 20 постигна Мекинтаер, а 19 Чима Монеке, додека прв стрелец на Барселона во денешното фијаско беше Лапровитола со 14 поени.

Во дербито на дното Асвел како гостин ја совлада Алба во Берлин со резултат 68-73. Избраниците на Поцеко одлично почнаа и рано стигнаа до двоцифрено водство, Алба успеа да се врати, во третиот период и да поведе со 55-48, но Асвел беше подобар во клучните моменти и успеа да стигне до победата, втора сезонава во Евролигата.

Луваву Кабаро беше најефикасен со 19 поени, центарот Фол постигна 14, а проблем за Поцеко ќе претставува повредата на Де Коло, кој го напушти теренот во третата четвртина и повеќе не се врати во игра.

Се вчитува...