Два меча суспензија за „актерот“ Стротман

Дисциплинската Комисија при Серија А го казни Кевин Стротман со суспензија од два натпревари откако фудбалерот на Рома изглуми пенал на градското дерби со Лацио. Стротман беше остро критикуван откако скокна, паѓајќи како покосен по стартот на еден противнички фудбалер.

Видео-снимката покажа дека воопшто немало контакт меѓу двајцата играчи, судијата наседна и покажа на белата точка, но Италијанците ја продолжија борбата со „глумците на терените“ изрекувајќи му суспензија на холандскиот интернационалец во дресот на Рома. Оваа казна значи дека Стротман ќе ги пропушти следните две дерби средби на својот тим, против Милан и Јувентус, на кои Рома мора да слави за да ја задржи предноста пред Наполи во трката за второто место, кое носи директен пласман во групната фаза од ЛШ следната сезона.

Од останатите фудбалери, суспензија од еден натпревар му беше изречена на Илија Несторовски, кој во секој случај поради повреда ќе отсуствува извесно време од терените. Покрај Несторовски, претстојниот викенд право за настап на терените ширум Италија ќе немаат: Астори (Фиорентина), Депаоли (Киево), Куцка (Милан), Мунтари (Пескара), Рудигер (Рома), Конти (Аталанта), Крисетиг (Кротоне), Фалчинели (Кротоне), Фројлер (Аталанта), Гоби (Киев), Кулибали (Наполи), Лаксалт (Џенова), Пароло (Лацио) и Мурилјо (Интер).

Се вчитува...