Двајца кошаркари одбија да настапат на НБА-завршницата

Давис Бертанс и Тревор Ариза се првите двајца кошаркари кои јавно одбија да настапат на претстојната завршница од НБА-лигата што ќе се одржи во Орландо. НБА не сака да ги тера кошаркарите по секоја цена да настапат, па им остави рок до 24 јуни оние кои не можат или не сакаат да играат во вакви услови јавно да се откажат. Потоа клубовите имаат рок до 1 јули да испратат листа од по 35 лица (играчи, стручен штаб, технички персонал) што ќе патуваат во Орландо, а оние кои се откажуваат нема да ги добијат парите што им следат од договорот за периодот што ќе го пропуштат.

Бертанс, кој е член на Вашингтон визардс, објави дека поради страв од коронавирусот, но и од евентуални повреди, нема да настапи на завршницата на НБА-лигата за оваа сезона. Летонецот е значаен играч во Вашингтон, има просек од 15,9 поени по натпревар, но веќе има операции на двете колена и стравува дека во случај на нова потешка повреда нема да може да добие нов договор во НБА. Токму затоа, тој ќе остане без 520.000 долари поради својата одлука, но се надева на нов мултимилионски договор следното лето.

Што се однесува до Тревор Ариза, неговите причини се семејни. Асот на Портланд веќе подолго време води правна битка за старателство на својот син. Тој добил дозвола од мајката да остане со синот во текот на целото лето, па Ариза решил да го искорити ова време, притоа откажувајќи се од еден милион долари, пари што нема да ги заработи поради неиграњето во Орландо.

Останува да се види дали Бертанс и Ариза ќе бидат единствените што нема да играат на завршницата од НБА-лигата, или на овие двајца во следните 24 часа ќе им се приклучат и други кошаркари.

Се вчитува...