Двајца приведени е епилогот од инцидентот меѓу „Комити“ и „Чкембари“

Еурофарм Пелистер е многу блиску до освојување на титулата во ракометниот шампионат на Македонија, откако во саботата триумфираше во „вечното дерби“ против Вардар и тоа во неговиот дом СЦ „Јане Сандански“.

Покрај дуелот на теренот, дуел на трибините имаа и двете навивачки групи „Комити“ и „Чкембари“. Дуелот од салата премина и на скопските улици, а МВР излезе со соопштение околу сите случувања во главниот град на Македонија. По еден „Комита“ и еден „Чкембар“ се приведени во саботните случувања, а четири автобуси се демолирани.

„Во врска со инцидентите за време и по ракометниот натпревар помеѓу екипите на Вардар и Пелистер, кој се одржа во спортска сала на подрачјето на Аеродром, од страна на полициски службеници во полициска станица се приведени Д.А.(43) од Скопје и Т.Г.(37) од Битола и против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Во врска со настанот, во СВР Битола било пријавено дека околу 18.45 часот на бул.’АСНОМ’ во Скопје од повеќе лица биле оштетени два автобуса со прилепски регистарски ознаки, на превозно претпријатие од Прилеп и два автобуса со битолски регистарски ознаки, на превозно претпријатие од Битола, кои превезувале навивачи на спортски натпревар. Се преземаат дополнителни мерки за расчистување на случајот“, стои во извештајот од МВР.

 

Се вчитува...