Двајца „вардарци“ во тимот на месецот во СЕХА

Се ближи крајот на уште една сезона во СЕХА-лигата, овојпат во огромна доминација на ракометарите на Вардар кои си го осигураа првото место во пресрет на фајналфор турнирот, што најверојатно ќе го играат и на домашен терен во Скопје.

Затоа, неслучајно во идеалните тимови за секој месец секогаш има резервирано места за бранителите на трофејот. Тоа беше случај и во февруарскиот дрим-тим на СЕХА, во кој се најдоа Страхиња Милиќ и Тимур Дибиров. Србинот е резерва во ЛШ, но затоа максимално ги користи шансите што му се укажуваат во регионалното натпреварување, па во минатиот месец имаше одлични настапи со Целје и Татран, додека на дербито со Загреб со одбрана во последните секунди им ја донесе победата на „вардарци“.

Што се однесува до Дибиров, триесетте погодоци на четирите средби на Вардар во февруари беа доволна препорака за Русинот да биде избран за најдобро лево крило.

Покрај двајцата ракометари на Вардар во идеалниот тим за февруари се наоѓаат уште и Мачковшек (Целје), Хорват и Павловиќ (Загреб), Голчар (Горење) и Сипиќ (Нексе), додека тренер на оваа екипа е Сергеј Бебешко од Брест Мешков.

Се вчитува...