Двата настапи на Ф4 ги ставија на мака – Само околу 100 навивачи ќе ги бодрат вардарки во Будимпешта

ЕКИПА во Будимпешта,

Билјана Б.Петрушева, Игор Паневски

Околу стотина навивачи од Македонија ќе ги бодрат ракометарките на Вардар во нивниот четврти настап по ред на Ф4 турнирот во Будимпешта и во четвртиот обид да стигнат до големото финале и до европскиот трон. Според информациите од клубот, седумдесеттина навивачи допатуваа организирано во Будимпешта.

Но, на трибините ќе бидат и повеќето од оние познати ликови,  најверните навивачи кои и годинава не ја пропуштија шансата да бидат заедно со вардарки. Повеќето од нив се во „сопствена режија“. Повеќето од нив на завршниот викенд во Лигата на шампионите се присутни исто колку и Вардар. Го чекаат и го посакуваат големото финале можеби исто колку и вардарки, велат „шансата не се пропушта“ и се надеваат дека токму годинава ќе биде токму тој голем ден за Вардар на Ф4 турнирот.

Пласманот и на машката екипа на Вардар на Ф4 во Келн ги стави на слатки маки оние најверните навивачи на „црвено-црните“ што да се одбере ако за двата се нема доволно. Па, можеби и малку „ја раситни“ публиката“ на „црвено-црните“ девојки во Будимпешта. Келн е сепак, нешто ново, во Будимпешта сме веќе како дома.

Како и да е поддршката за Вардар од  трибините нема да изостане, ни во Будимпешта, ни во Келн. За разлика од најавените 1000 навивачи што доаѓаат од Романија како поддршка за ЧСМ Букурешт во одбрана на титулата и оние неколку илјади домашни навивачи што ги има зад себе Ѓер, „црвено-црната“ навивачка група ќе биде помала, но не и потивка, тоа сигурно.

А, „вардарки“ ќе ја имаат поддршката од трибините и од младите репрезентативки на Македонија од селекцијата до 19 години, кои викендов се на турнир во Будимпешта.

Се вчитува...