Две лица на Македонија: Кошаркарите имаа „плус 16“, на полувреме водат само три поени со Косово

Македонската репрезентација со две дијаметрално спротивни изданија во првите две четвртини има само три поени предност на дуелот со селекцијата на Косово (39-36). Нашите кошаркари имаат за што да жалат ако се знае дека во првиот период имаа и огромни 16 поени предност, но катастрофалното издание во втората четвртина придонесе битката за победа сериозно да се разгори во пресрет на второто полувреме. Македонските кошаркари упатија 22 тројки за 20 минути игра, погодувајќи само четири, доволен доказ за слабото издание, пред се во втората четвртина во салата во Гевгелија.

Мечот го почнавме фуриозно, за помалку од две минути поведовме со 6-0 и го натеравме гостинскиот селектор Мулаомеровиќ на тајмаут. Серијата ја продолживме, па преку Витингтон имавме прва двоцифрена предност од 14-4, а нешто подоцна Македонија имаше и „плус 16“ (23-7). Раното водство како да донесе преголемо опуштање во играта на нашите репрезентативци, првата четвртина заврши со 29-16, а потоа во вториот период се сочија со огромни проблеми во нападот.

Неполни четири минути Македонија немаше постигнато поени, а дури и откако Трајковски ја прекина „црната серија“ следеа нови промашени шутеви. Гостите знаеја како да го искористат тоа и дојдоа на само еден поен негатива, во меѓувреме по три лични грешки добија Војдан Стојановски и Бојан Трајковски, па по 20 минути игра резултатот е минимален во корист на нашата селекција (39-36).

Бојан Трајковски е убедливо најдобар поединец во нашите редови со 14 поени, по седум постигнаа Војдан Стојановски и Ѓуроски. Јасно е, за победа ќе мора да се одигра многу посериозно, максимално ангажирано бидејќи Косово на дело покажа дека е подготвено да го казни секое опуштање на противникот.

Се вчитува...