Двете перфектни репрезентации во битка за финале

Шпанија како актуелен шампион ја продолжува одбраната на трофејот на Евробаскет, но „црвената фурија“ вечерва ќе ја има најтешката задача досега на шампионатот, излегувајќи на мегдан со одличниот талентиран состав на Словенија. Станува збор за дуел на единствените две селекции кои досега на Евробаскет 2017 имаат максимален скор од седум победи и ниту еден пораз, но само за една од нив ќе има место во големото финале и битката за златниот медал.

Словенија досега е без ниту едно најсјајно одличје, што сигурно е мотив за оваа одлична селекција предводена од искусниот Горан Драгиќ и од „чудото од дете“, 18-годишниот Лука Дончиќ кој блесна во нокаут-пресметките против Украина, односно Летонија.

Пресреќен сум што добивам можност да играм за Шпанија бидејќи имам многу пријатели од Реал Мадрид. Фаворитската улога им ја препуштаме на Шпанеците, но знаеме и дека не се непобедливи“ – изјави Дончиќ во пресрет на вечерашното полуфинале.

„Црвената фурија“ влегува во овој дуел како најдобар напад на шампионатот со просек од 86,6 поени по натпревар, но и извонредна одбрана со која досега на Евробаскет избраниците на Скариоло примаат 61,6 поени по натпревар. Сепак, шпанскиот селектор е свесен дека тие бројки нема да значат ништо доколку актуелниот првак не одигра максимално во текот на сите 40 минути.

„Најтешкото допрва ни претстои, ќе мораме да ги запреме Драгиќ и Дончиќ, за кого уште не можам да поверувам како може да игра толку добро на само 18 години. Во нападот мораме да бидеме трпеливи, да играме колективно. Сигурно дека добредојдено ќе ми беше сега Чикаго да ми го испрати Миротиќ, кој е идеален за вакви натпревари“ – истакна Скариоло.

Се вчитува...