Огромните проблеми на Тотенхем уште повеќе се зголемија по повредата што ја заработи Раду Драгушин на последниот натпревар на „спарси“. Романскиот интернационалец конечно доби шанса да се докаже во периодот кога беа повредени и Ромери и Ван де Вен, Драгушин бележеше раст во формата, но сега го очекува долга пауза поради повредата на коленото заработена пред неколку дена.
Деталните прегледи само ја потврдија лошата вест, станува збор за кинење на вкрстените лигаменти, по што е јасно дека оваа сезона предвреме заврши за романскиот репрезентативец.
„Спарси“ по дознавањето на лошата вест беа фокусирани на ангажман на нов дефанзивец, по што експресно се договорија со Челси околу позајмицата на Дисаси. Сепак, проблемот настана кога поранешниот играч на Монако гласно одби да се пресели во Тотенхем, преферирајќи ја Астон Вила како подобра опција за зимски трансфер. На крајот, Дисаси се пресели на „Вила парк“, а „спарси“ останаа со празни раце и со истенчен ростер ќе влезат во завршницата од оваа сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА