Е. Пелистер без проблеми со Струга, Тиквеш славеше на гостувањето против Тинекс Пролет

Ракометарите на Еурофарм Пелистер без апсолутно никакви проблеми триумфираа против Струга со убедливи 34-23 (16-9) во 6. коло од плејофот во Суперлигата на Македонија.

Од самиот старт на дуелот беше јасно дека шампионот лесно ќе ја оправда фаворитската улога, па рутински наметна водство кое го одржуваше и зголемуваше до самиот крај на мечот.

А, Тинекс Пролет, пак, загуби на домашен терен од од Тиквеш од 23-26 (10-12), во главно израмнет натпревар, но со пад во играта во последните пет минути од средбата.

Ракометарите на Тинекс Пролет убаво го почнаа натпреварот низ максимално изедначен ритам со гостите, главно во игра гол за гол. Во 20. минута имаа водство од 8-7, но потоа во последните десет минути од првото полувреме следеше серија од 2-5 на гостите за предност на полувремето од 10-12.

Во второто полувреме далеку поагресивна игра на избраниците на Александар Јовиќ, па сето тоа резултираше со брзо анулирање на предноста на гостите од Кавадарци и веќе во 39. минута, Тинекс Пролет имаше водство од 15-14.

Продолжи одличната игра во нападот и во 47.минута Тинекс Пролет дојде до предност и од 19-17. Но, кога се очекуваше продолжување во исто темпо, следеше пад на играта и кавадарчани на пет минути пред крајот дојдоа повторно до водство од два гола разлика, 21-23. Гостите на две минути пред крајот запишаа предност и од 22-25, за да на крај заокружат за конечен триумф од 23-26.

Најефикасен во победата на Тиквеш беше Мартин Манасков со осум гола, а кај Тинекс Пролет се издвои Ласко Андоноски со пет погодоци.

Се вчитува...