Еден блесок на Куманово недоволен за чудо во „Градски парк“

Работнички во 14. натпревар сезонава стигна до својата 13. победа откако актуелниот шампион вечерва славеше на домашен терен против Куманово (88-79). Триумфот е апсолутно заслужен ако се знае дека „центарци“ имаа двоцифрена предност во голем дел од натпреварот, но и гостите имаат за што да жалат. Имено, фуриозниот старт на последната четвртина им донесе на избраниците на Петровиќ минимална предност, но тоа беше недоволно за да се освои „Градски парк“ бидејќи Работнички одговори на предизвикот во клучните моменти, не дозволувајќи изненадување.

Мечот почна со беспрекорна игра во нападот на Работнички, кумановци не наоѓаа одговор за акциите на „центарци“, кои во првите десет минути постигнаа 31 поен и си осигураа двоцифрена предност (31-18). Вториот период мина во израмнета игра, па со трите слободни фрлања на Ефремовски тимот на Работнички замина на одмор со „плус девет“ (47-38).

Предноста на актуелниот шампион делуваше сигурна и во текот на третата четвртина, но ситуацијата се смени на самиот почеток од последниот период, што кумановци го стартуваа со серија од 9-0, па Марин Докузовски беше принуден да побара тајмаут при израмнувањето на 67-67. Гостите во две ситуации имаа и „плус два“, но Караџовски со тројка го запре нивниот налет.

По поените на Думиќ за 69-71 тимот на Работнички направи серија од 12-0, повторно стигнувајќи до убедлива предност што овојпат знаеше да ја сочува до самиот крај и конечните 88-79.

Мираковски и Костов со по 19 поени беа најзабележителни кај Работнички, Крстевски постигна 17 поени кај победничкиот тим, додека најдобар поединец во редовите на Куманово беше плејмејкерот Думиќ, кој оствари дабл-дабл од 22 поени и 11 асистенции.

Овој натпревар е и увертира за четвртфиналето од Купот на Македонија, во кое Работнички и Куманово ќе ги одмерат силите наредниот петок во салата во Гевгелија.

Се вчитува...