Еден е Нено Димитријевиќ: Македонецот го одведе Уникс во големото финале

Ненад Димитријевиќ повторно ја покажа сета своја кошаркарска генијалност откако македонскиот ас блесна во сиот свој сјај во мајсторката против Локомотив Кубањ, предводејќи го Уникс до победа од 92:87  и пласман во големото финале од ВТБ-лигата. Како што тоа беше случај и во ланскиот плејоф и во овосезонските дерби-дуели, македонскиот плејмејкер одигра најдобро кога беше најважно, покажува дека апсолутно заслужено е МВП на ова силно натпреварување.

Димитријевиќ го почна натпреварот со четири асистенции во првите неколку минути, а откако го разигра остатокот од тимот, нашиот ас почна и со реализации, погаѓајќи три тројки во првата четвртина. Дуелот беше максимално интересен, Уникс цело време имаше водство, но гостите не се откажуваа. На една минута до крајот Локомотив израмни на 83-83, а токму тогаш почна шоуто на Димитријевиќ. Македонскиот репрезентативец како вистински лидер ја презеде одговорноста, за триесетина секунди постигна седум поени во серија и му ја донесе големата победа на Уникс.

Бројките говорат најдобро, Нено Димитријевиќ со 31 поен, шест скока и шест асистенции беше најдобар поединец на теренот. Помош имаше и од Ерик Грин со 17 и Маркус Најт со 12 поени, кои заедно со Македонецот беа триото со двоцифрен ефект во оваа мајсторка.

Големото финале меѓу Уникс и ЦСКА Москва ќе се игра до четири победи, а предноста на домашниот терен ќе ја има тимот на Димитријевиќ кој беше прворангиран по регуларниот дел од сезоната.

Се вчитува...