Еден е Столе Димитриевски – Камбек на голот, повреда, па супер-парада за реми против Севилја

Столе Димитриевски по пауза од речиси цел месец се врати на голот на Рајо Валјекано, давајќи значаен придонес во ремито на својот тим на домашен терен против фаворитот Севилја (1-1). Македонскиот репрезентативен голман заработи незгодна повреда на десетина минути до крајот, при обид да шутне топка од сопствениот шеснаесетник, по неколкуминутна лекарска помош сепак го продолжи мечот, но останува да се види лекарските прегледи да покажат дали и колку е сериозен проблемот.

Првото полувреме мина без поголеми возбудувања, но Рајо поведе на самиот почеток од вториот дел, откако Бебе испрати проектил од дваесетина метри откосо, изненадувајќи го голманот Буну, за огромна радост на домашните навивачи. Севилја беше далеку под посакуваното ниво, но гостите сепак успеаја да израмнат преку Дилејни.

Главниот судија во 82. минута досуди пенал на Севилја, но истиот беше поништен по прегледување на снимката со ВАР. Севилја ја имаше најубавата шанса за победа кога Марсијал испрати „бомба“ кон голот на Димитриевски, но македонскиот репрезентативец со одлична парада ја сочува својата мрежа.

Се вчитува...