Еден гол промени се: Дембеле останува во Барса

Само еден гол беше доволен за да се промени ставот на Барселона за Осман Дембеле, па веќе нема дилеми дека францускиот интернационалец и новата сезона ќе ја мине во дресот на каталонскиот гигант. Крилниот офанзивец беше поврзуван со неколку европски гиганти, но каталонците сега се решени да го задржат Дембеле и да му дадат нова шанса да ги покаже своите квалитети.

Младиот ас пристигна за 105 милиони евра од Борусија Дортмунд и имаше разочарувачка прва сезона на „Камп ноу“, поради повреди и слаба форма настапувајќи на само 17 средби во сите натпреварувања. Сепак, одличниот настап во Суперкупот на Шпанија и евроголот за победа на Барса го промени ставот на раководството.

„Дуелот со Севилја беше тест за карактерот на Дембеле. Тој доби шанса во првиот тим и максимално ја искористи, па сега и управата го промени својот став – Дембеле повеќе не е за продажба, тој ќе биде дел од Барса и во новата сезона“ – објави каталонскиот весник „Спорт“, повикувајќи се на извори од управата на Барселона.

Барса летово го доведе и Малком од Бордо, но за очекување е Дембеле да добие предност во стартниот тим пред Бразилецот барем на првите натпревари од новата сезона. Дали ќе го задржи првотимскиот статус, ќе зависи само од него.

Се вчитува...