Еден од најголемите боксери на сите времиња на 46 години се враќа во рингот (ВИДЕО)

Еден од најголемите боксерски шампиони на сите времиња, Филипинецот Мани Пакјао, се враќа во рингот. Пакјао ќе го заврши своето речиси четиригодишно пензионирање за да се соочи со Марио Бариос во борба за појасот за светски шампион во велтер категорија на ВБЦ. Натпреварот е закажан за 19 јули во Лас Вегас.

Пакијао има 46 години, а неговата последна борба беше во август 2021 година кога беше поразен со едногласна одлука од Јорденис Угас за појасот на ВБА во велтер категорија. По поразот, Пакјао објави дека ќе се пензионира и ќе се посвети на политичка кариера.

Сепак, првиот и единствен светски шампион во осум различни категории се враќа во спортот што го направи легенда. Неговото враќање на рингот се шпекулира уште од јули 2024 година, кога учествуваше во егзибициска борба против кикбоксерот Рики Анпа.

Првите гласини за борба со Бариос почнаа кон крајот на минатата година, а стана јасно дека тоа ќе се случи откако претседателот на ВБЦ, Маурисио Сулејман, по борбата меѓу Канело Алварез и Вилијамс Скул во Саудиска Арабија, објави дека Бариос ќе ја брани титулата против Пакјао. Сулејман додаде дека Пакијао веќе добил дозвола од атлетската комисија на државата Невада да се бори.

ВБЦ има пишани правила според кои поранешен шампион има право да побара шампионска борба по враќањето од пензија.

„Марио Бариос ќе се бори против Мани Пакјао во јули. Тоа е огромен меч кој ќе го воодушеви светот“ – рече Сулејман.

За време на својата кариера, Пакјао победил 22 светски шампиони, меѓу кои и Оскар де ла Хоја и Мигел Кото. Сепак, неговата најпозната борба е со Флојд Мејведер, која ја загуби.

Еден месец пред борбата, Пакјао ќе биде примен во боксерската „Сала на славните“, а моментално е во трка и за место во Сенатот на Филипините, чиј член веќе беше од 2016 до 2022 година.

Пакјао официјално нема да го објави своето враќање во боксот сè до крајот на изборите на 12 мај, но сите знаци укажуваат дека ова е формалност и дека неговото враќање во рингот е неизбежно.

Што се однесува до Бариос, боксерот од Сан Антонио има 29 победи (18 со нокаут) со два порази и едно реми во кариерата. Неговата последна борба беше против Абел Рамос, на настанот каде централна борба беше онаа меѓу Џејк Пол и Мајк Тајсон.

Тој ја освои привремената титула на ВБЦ во септември 2023 година кога го победи Угас, а беше промовиран во целосен шампион во јуни 2024 година откако Теренс Крофорд беше прогласен за „шампион во пауза“ на ВБЦ. Единствените два порази на Бариос се против Џервонта Дејвис и Кит Турман.

Се вчитува...