Еден поинаков Пелистер – прв до билет за Супер-лигата во мак-баскетот

Пелистер вечерва му гостува на Куманово во рамките од 19. коло во Првата лига, меч во кој што битолчани влегуваат без дополнителен резултатски притисок. Причина – по вчерашниот триумф на Кожув над Гостивар „пелистерци“ станаа првиот клуб што и математички го осигура пласманот во Супер-лигата. Со оглед на фактот дека бодовите во Супер-лигата се пренесуваат, јасно е дека Марјан Илиевски и неговите избраници ќе се обидат да забележат нови победи до крајот на Првата лига, но Пелистер по долги години повторно е дел од елитата во мак-баскетот. Во изминатите петнаесетина години овој тим редовно се бореше или за опстанок или беше дел од втората лига, но сега состојбата драстично се менува, можеби и побрзо од реалните спортски очекувања.

Битолчани со доаѓањето на Илиевски свртеа нов лист, направија „ремонт“ во тимот почнувајќи со домашните играчи Стајиќ и Трајковски, потоа надополнети со квалитетни странски засилувања. Сепак, ниту најголемите оптимисти во редовите на битолчани не очекуваа вака импресивен прв дел на сезоната, „зелено-белите“ во стартните 17 средби имаат скор од 14 победи и само три порази, на повеќе од половина од овие средби постигнувајќи над 100 поени.

„Ова требаше да биде сезона во која ќе се постават темелите за еден долгорочен проект. Секако дека сме горди на остварените резултати, уште повеќе бидејќи сме прв тим што обезбедува учество во Супер-лигата, иако годинава како никогаш досега Првата лига е максимално израмнета и брои 12 тимови наместо досегашните 10, откако се докажа дека буквално секој секого може да победи. Атмосферата во тимот е на највисоко ниво, стручниот штаб беспрекорно си ја врши работата, така што со право се креваат и амбициите за клучниот дел од сезоната. Веруваме дека најдоброто од Пелистер допрва следи“, истакнуваат од таборот на битолскиот прволигаш.

Се вчитува...