Еден проблем помалку за Венгер – Озил ќе потпише, се чека Алексис Санчез

Месут Озил ги израдува фановите на Арсенал на денот на почеток на новата сезона, прифаќајќи ги условите за да потпише нов долгогодишен договор со „топчиите“ од Лондон. Актуелниот договор на Германецот истекува на крајот од оваа сезона и Венгер би бил принуден да го продаде доколку не се продолжи соработката, но Озил по долго размислување на крајот сепак решил да ја прифати најновата понуда на „топчиите“. Како пресуден се покажал фактот дека за ексфудбалерот на Реал Мадрид не беше покажан премногу сериозен интерес како за Алексис Санчез, па откако не доби атрактивна понуда тој прифати да потпише нов четиригодишен договор за плата од 225.000 фунти по сезона.

Се очекува договорот да биде официјално потпишан на стартот од следната седмица, со што Венгер ќе реши еден од двата големи проблеми со кои се соочува летово. Вториот останува Алексис Санчез, откако Чилеанецот не само што одбива нов договор, туку и инсистира на трансфер во директниот ривал Манчестер сити. „Топчиите“ веќе му понудија рекордна плата од 300.000 фунти што Алексис според неофицијалните информации ја одбил, па останува Арсенал да реши, дали да го продаде и да заработи околу 50 милиони евра, или пак да води инает и да ризикува следното лето да остане без никаква отштета за овој голгетер.

Арсенал вечерва го пречекува Лестер во премиерниот натпревар од новата сезона, меч на кој Алексис Санчез нема да настапи поради повреда.

Се вчитува...