Првата кошаркарска лига продолжува денеска со четири натпревари од кои три во Скопје и само еден во Гостивар, а ќе биде комплетирано во четвртокот по враќањето на МЗТ Скопје и Пелистер од балонот на АБА2 во Сараево.
Првиот од нив е со почеток од 16 часот во СЦ „Јане Сандански“ каде МЗТ Скопје 2 ќе се обиде да го фати послениот воз за изборување на опстанок во елитата на македонската кошарка. Но, на избраниците на Нешовиќ нема да им биде лесно бидејќи за противник го имаат новајлијата Феникс 2010 кој оваа сезона игра одлично и во претходното коло славеше против актуелниот шампион и „големиот брат“ МЗТ Скопје.
Саботните дуели продолжуваат од 17 часот во салата „Независна Македонија“ во Кисела Вода каде Ангели ќе го пречекуваат Еуро Никел. Гостите кои се наоѓаат во серија од четири победи во низа ќе бараат продолжување на позитивната серија, додека домаќините ќе целат на првиот триумф во сезоната.
Од 18 часот ќе бидат одиграни два дуела со кои ќе биде комплетиран богатиот прволигашки ден. Еден од мечевите ќе биде на „Кале“ каде Работнички го пречекува Куманово. Натпреварите на „црвено-белите“ и „сино-белите“ никогаш не разочаруваат па се надеваме дека така ќе биде и денеска.
Вториот од нив е во „Младост“ каде Гостивар ќе се обиде да стави крај на серијата од три порази едно по друго со победа над Кожув. Гевгеличани пак имаат само еден пораз во последните пет средби, а во мечот во Гостивар влегуваат на крилја на победата над Ангели во претходното коло.
По неколкудневниот одмор програмата ќе продолжи со натпреварот на колото во кој ТФТ ќе го пречека Пелситер во Скопје, а ќе биде комплетрано онаму каде што ќе започне, во СЦ „Јане Сандански“ каде МЗТ Скопје силите ќе си ги одмери со Академија ФМП.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА