Една година од трагедијата Чапекоенсе

Датумот 28 ноември 2016 година засекогаш ќе остане запаметен како еден од најтрагичните во историјата на фудбалот, и спортот воопшто, откако пред точно една година авионот со фудбалерите и стручниот штаб на бразилскиот клуб Чапекоенсе се урна во Колумбија, каде оваа екипа требаше да го игра првото историски финале од Копа Судамерикана.

Дури 71 од вкуно 76-те патници кои беа на овој лет ги загубија животите, а потресната вест експресно се пренесе низ сите светски медиуми. Истрагата покажа грешка на пилотот поради лошото планирање на дотур на гориво, а како краен епилог останаа непреболените жртви: фудбалери, тренери, членови на управа, новинари…

Чапекоенсе овој ноември го прослави опстанокот во бразилската елита, огромен успех ако се знае дека новата управа мораше да состави целосно нова екипа, а воедно и постапи храбро и достоинствено, одбивајќи го „имунитетот“ што му го понудија останатите клубови, за да има загарантиран опстанок во лигата. Сепак, денешниот ден предизвикува болка кај илјадници фанови, како и најблиските семејства на жртвите.

chapekoense 1

Една од нив е и Аманда Мачадо, која на 28 ноември 2016 година купуваше венчаница во Порто Алегре, подготвувајќи се за свадбата со левиот бек Денер, закажана за четири дена подоцна. Веста за страшната несреќа ја дознала во својот стан.

Бев целосно изгубена, првата помисла ми беше да скокнам од терасата, но тогаш го слушнав гласот на својот син и застанав. Беше ужасно, но знаев дека морам да останам жива за да му помогнам на своето дете. Потоа морав да најдам начин да му објаснам дека татко му веќе не е со нас, му реков дека отиде да живее во рајот, па тој сега кажува како сака да оди да го посети рајот за да се види со Денер“ – низ солзи прераскажува Аманда.

chapecoense03

Слично е и искуството на Адријана Сароли, која во несреќата го загуби својот сопруг, тренерот Кајо Жуниор, како и внукот Едуардо де Кастро, кој беше дел од стручниот штаб. Како сплет на неверојатни околности, нејзиниот син Матеус Сароли требаше да отпатува со кобниот лет, но остана дома бидејќи го заборавил пасошот.

„Кајо најмногу од се на светот сакаше да добие внука, на таа тема секогаш се шегуваше со моите синови. Верувам дека сега би бил најсреќен, бидејќи истиот месец кога тој почина, на светот дојде Ана Клара, таа е Божјиот дар за нашето семејство“ – истакна Адријана.

Времето минува, белезите ќе останат, заедно со спомените на талентираниот состав кој не дочека да го одигра своето историско прво финале.

Се вчитува...