Една година подоцна: Хронологија на чудото, Вардар ја кутна Барселона на пат кон европскиот трон

Убавиот и вибрирачки Келн со претопло време. Кога си новинар од Македонија целата шареноликост на восхитувачкиот град за жал ти е во втор план. Затоа што во Келн си фокусиран на Вардар. 01.06.2019 – прв ден од Ф4 турнирот во ракометната Лига на шампионите.

Како и пред две години, на патот на Вардар е Барселона. Ситуацијата е поинаква од 2017 кога титулата на Вардар беше подвиг, но не и супер-сензација. 24 месеци подоцна, европскиот ракомет е изненаден воопшто и од присуството на „црвено-црните“ во Келн. Барселона наострена, да возврати за пред две години, но и да ја искористи ранливоста на Вардар.

01.06.2019 /18:43

Барса е моќна, „седумка“ доби Вардар на полувреме

(16-9)

Вардар е во негатива од седум по воведните 30 минути од полуфиналната пресметка со Барселона на Ф4 турнирот во ракометната Лига на шампионите во Келн. Шпанците водат со 16-9 на полувремето. Барселона трпеливо ја гради предноста, со изградени напади и користејќи ги сите технички грешки на Вардар. Милосављев е во многу добро издание, но македонскиот првак засега не го покажува вистински потребното издание. Вардар беше само на еден негатива на средината од полувремето, 7-6 беше во 16. минута, но веќе во 24.минута, шпанскиот тим побегна на високи шест гола предност (14-8). Дејан Милосављев е одличен на голот на Вардар, веќе на паузата има 13 одбрани. Криштопанс со три гола засега е прв стрелец.Победникот од овој меч во финалето ќе игра против Веспрем, поразениот за третото место ќе се бори со Киелце.

01.06.2019 / 19:41

Фатаморгана за Барса – Чудо вардарово за ново финале

Вардар повторно ќе игра финале во Лигата на шампионите откако „црвено-црните“ со феноменалното второ полувреме успеа да стигне до целосен пресврт во пресметката со Барселона (29-27). „Вардарци“ бркаа седум гола негатива по првото полувреме, но неверојатната одбрана во последните петнаесет минути донесоа неверојатен пресврт и победа која ќе се памети со години и генерации.

Тотална еуфорија завладеа во 57. минута, кога Мораеш погоди од пивот и израмни на 26-26. Милосављев го запре обидот на Дуарте, а на спротивната страна Дуарте доби црвен картон за старт врз Криштопанс. И кога требаше најмногу, Карачиќ даде гол, а на спротивната страна Барса почетнички ја загуби топката. Карачиќ при голот заработи повреда, па во следниот напад Криштопанс стави печат на победата со нов погодок (28-26). Конечните 29-27 ги постави капитенот Стоилов, за огромна радост на „црвено-црните“ во „Ланксес арена“ во Келн.

01.06.2019 / 20:02

ИГРАЧ НА МЕЧОТ: Кој друг ако не вардаровиот џин – Криштопанс !

Едногласно признанието најдобар играч на вториот полуфинален натпревар од Ф4 турнирот во ЛШ во рацете на вардаровиот џин Даинис Криштопанс.

Криштопанс по лошото прво полувреме на крајот клучен за триумфот на „вардарци“ со феноменален ефект од 10 гола од 14 шута кон голот на Барселона.

 
01.06.2019 / 20:13
 

Карачиќ: Се фалеа „Ние сме Барса“… епа „Ние сме Вардар“

„Одиграа одлично во првото полувреме, но ние покажавме карактер и успеавме да се вратиме. Благодарност до сите што ни даваат поддршка во овој период, да не се повторуваме за сите проблеми со кои се соочуваме. Покажавме и квалитет и карактер и го победивме моќниот противник. Се фалеа „Ние сме Барса“ како нивни слоган, епа „Ние сме Вардар“ и сите видоа што значи тоа. На ред е Веспрем, тим што како и Баселона е преполн со врвни ракометари, но ќе сториме се за да стигнеме до трофејот“ – порача хрватскиот ас во дресот на Вардар.

01.06.2019 / 21:27

Подвигот на Вардар, големиот триумф над Барселона во полуфиналето на Ф4 турнирот во Келн, ЕХф го спакува во одлични минута и половина. Се што се случуваше во неверојатните 60 минути, од минус седум до победа од 33-30.

 

 

 

&

;

Се вчитува...