Една перфектна четвртина беше доволно за рутинска победа на Кожув во „Младост“

Кожув ја прекина серијата од два пораза во низа откако во 19.коло славеше на гостувањето против Гостивар со 75-81. Гевгеличани го отворија натпреварот во фантастичен ритам во кој преку високата реализација во првата четвртина брзо стигнаа до голема предност, од која домаќините не успеаја да се вратат во игра и покрај налетот на почетокот на второто полувреме и самиот крај на натпреварот.

Гостите од Гевгелија го започнаа натпреварот во одлично напаѓачко темпо. „Црвено-белите“ ги служеше шутот во првите десет минути од средбата каде погодија и четири шута зад линијата 6,75, за разлика од домаќините кои се мачеа да го најдат својот ритам, па Кожув по 10. минути игра имаше предност од 10-29. Гостите не успеаја да ја пренесат добрата игра и до крајот на полувремето, а тоа го искористи Гостивар кој преку добрата одбрана го лимитираше Кожув на само 10 постигнати поени во продолжението од првото полувреме, а преку расположените Вокер и Тодоровиќ, „сино-белите“ ја намалија негативата на 29-41 на „големиот одмор“.

Кожув се мачеше и на почетокот на второто полувреме, но тоа не го искористија ниту избраниците на Србиновски кои и покрај тоа што ја сведоа негативата на осум поени, не успеаја да фатат и вистински учинок. Кожув ги консолидираше своите редови па веќе до 30. минута ја врати високата предност (48-62). Моментумот на „црвено-белите“ продолжи до самиот крај на средбата. Високиот пресинг на домашниот состав умешно го пробиваше Кожув и стигаше до лесни поени, па гостинскиот состав ја одржа предноста и стигна до осмата победа во сезоната и покрај тоа што Гостивар стигна и до негатива од само еден напад на 24 секунди пред крајот на средбата.

Александар Тодоровиќ беше првото име кај домашниот состав со 23 поени и 12 скока, Марјан Јанески додаде 14 поени, додека еден помалку забележа Џалон Фрајдеј. Џоџо Вокер натпреварот го заврши со 12 поени, додека дабл-дабл од 10 поени и 12 асистенции оствари и Александар Костоски.

Џош Скот беше предводникот на Кожув со 19 поени и 6 скока, дабл-дабл од 18 поени и 10 скока забележа Никола Силаџи, додека еден помалку додаде Димитар Караџовски кој имаше и 5 асистнеции. Двоцифрен беше и Лок кој натпреварот го заврши со 10 поени и 7 скокоа.

Се вчитува...