Една поинаква, победничка Македонија: Моќен триумф среде Полска

Македонската кошаркарска репрезентација ја забележа првата победа во квалификациите за Евробаскетот 2025 откако на гостински терен кај Полска славеше со 71-96 во натпревар во кој избраниците на Александар Јончевски предводени од Ненад Димитријевиќ одиграа маестрално на двата дела од теренот.

Кошаркарите како и во СРЦ „Кале“ против Естонија така и во Сосновјец против Полска покажаа како се игра за националните бои. Со максимална пожртвуваност и во нападот и во одбраната, и борба за секоја топка овој пат беа доминантни против фаворизираниот противник и без помошта на капитенот Војдан Стојановски кој поради повреда мораше да го напушти теренот во првата минута.

Користејќи ги поените во транзиција Полска успеа да поведе со 14-8 на отварањето на средбата, но како што одминуваа минутите од првата четвртина македонските репрезентативци го наметнаа своето темпо. Пожртвуваната и агресивна одбрана потполно го спречи полскиот напад, контролата на скокот не дозволи повеќе лесни поени, а фантастичниот Димитријевиќ преку играта „два на два“ го полнеше кошот во нападот за предност од 16-25. Серијата на „црвено-жолтите“ продолжи и на отварањето на второто полувреме за двоцифрена предност од 16-29, но заслужениот одмор на Димитријевиќ и Хап веднаш создаде проблеми во организација на нашиот напад.

Полска успеа да ја намали негативата на 20-29, а по тајм-аутот Јончевски веднаш го врати дуото Димитријевиќ – Хап на теренот. Високата агресивна одбрана над бековската линија на Македонија ја спречи играта „два на два“, но ослободи простор за обиди за три поени кои нашите репрезентативци го искористија за одржување на предноста и покрај тоа што опадна нивото во нашата одбрана. Полска поентираше од нашиот рекет, но немаше одбрана за Димитријевиќ кој продолжи да го контролира нападот со помошта на Хап. Овој тандем комбинираше 29 поени на полувремето за предност од 38-47.

Агресивната одбрана на Македонија продолжи да биде клучна и на отварањето на второто полувреме. Македонија не дозволи лесни поени, Полска потфрли во обидите зад линијата 6,75, а и контролата на скокот на нашите репрезентативци не дозволи поени од втора шанса. Нападот функционираше одлично преку Димитријевиќ, добриот проток на топката носеше лесни поени, Македонија погодуваше од поле преку Мекиќ, Маслинко и Крстевски, доминираше и во рекетот па предноста се зголеми на 50-69.

Полска долго се мачеше со реализацијата на обидите за три поени, но во најдобар можен момент стигна до посакуваната серија. Со тројките на Гарбач експресно ја намали негативата на 57-69 и најави проблем за Македонија, но тајм-аутот на Јончевски брзо ги консолидира нашите редови. „Црвено-жолтите“ заиграа на претпознатливото ниво во одбраната, одговорија со тројки во нападот па ја вратија предност на 22 поени (57-79) и не дозволија неизвесен финиш на средбата.

Димитријевиќ со 32 поени, 8 скокови и 8 асистенции беше лидер на Македонија, а него го следеше Хап со 19 поени, 7 скокови и 5 асистенции. Ѓуроски постигна 17 поени, до 10 броеше Маслинко. Михалак со 20 поени и 9 скокови беше лидер на Полска.

Се вчитува...