Едуарда Аморим Талеска: Очекувам ново финале Ѓер – Вардар

ЕКИПА во Будимпешта,

Билјана Б.Петрушева, Кристијан Димевски

Некогаш ракометарка на Кометал Ѓорче Петров, сега лидер во нападот на Ѓер, Едуарда Аморим Талеска,  за нас уште попозната како „македонска снаа“ , вообичаено секогаш насмеана ги дочекува македонските новинари во Будимпешта и со задоволство одговара на македонски. Аморим со Ѓер ја брани шампионската титула на Ф4 и верува дека и годинава во Будимпешта ќе има финале Ѓер-Вардар.

„ Ние да бидеме во финале, тоа е прво. Мислам дека и Вардар ќе го помине Ростов. И, да, може повторно да играме со Вардар за титулата“ – вели бразилската репрезентативка.

Унгарскиот шампион сезонава се соочуваше со многу проблеми со повредите, тоа може да биде дополнителн проблем за Ѓер, но Аморим вели дека тоа го надополнуваат со максимална борбеност и со тимска игра.

„Се надевам дека ќе ја одбраниме титулата. Сезонава не играме константно добро цела сезона, но многу се боревме. Тоа ни дава голема самодоверба пред овој завршен викенд. Имавме многу проблеми со повредите и за нас е тешко што не може да настапиме на завршните натпревари со најдобрите перформанси. Мислам дека Ѓер последниве години секогаш беше на Ф4 на максимално ниво. Годинава не е така. Но мислам дека тоа ќе го надополниме со максимална борбеност. Сега играме една за друга, играме како екипа и тоа ни дава дополнителна самодоверба дека повторно ќе ја освоиме титулата“ – верува Едуарда Аморим Талеска.

Во првото полуфинале, утре (15.15 ч.) Ѓер ќе игра против ЧСМ Букурешт, а потоа е полуфиналниот дуел меѓу Вардар и Ростов Дон (18.30 ч.).

Се вчитува...