Ефес е на чекор до Ф4 во Белград

Анадолу Ефес е блиску до билет за фајналфор турнирот во Белград откако актуелниот европски првак славеше на домашен терен над Милано со  резултат 77-65, за водство од 2-1 во оваа четвртфинална серија. Италијанскиот состав допатува во Истанбул значително ослабен без повредените Мели и Дилејни, па избраниците на Месина немаа сили да го издржат силното темпо, потклекнаа во завршните минути и се најдоа на работ на елиминација од елитното европско натпреварување.

Ефес тргна фуриозно во нападот, во првата четвртина постигна дури 25 поени (25-17), по што се чинеше дека домаќините ќе стигнат до рутинска победа. Како што одминуваше времето, така одбраната на гостите се повеќе добиваше на цврстина, па Милано на пет минути до крајот имаше и водство од 61-63 по тројката што ја постигна Хол. Тоа беше се што италијанскиот состав успеа да стори бидејќи следеше серија од 11-0 на Ефес, кој предводен од Шејн Ларкин го сврте резултатот во своја полза и стигна до предност и можност в четврток на домашен терен да стигне до билет за Ф4.

Мициќ со 20 поени и пет асистенции беше најефикасен во победничкиот тим, во чии редови Плајс реализираше 17, а Ларкин 16 поени. Во таборот на Милано најефикасни при денешниот пораз беа Хол со 16 и Грант со 11 поени.

Се вчитува...