Ефес ја одбрани круната – нова драма за европска титула на турскиот гигант во Белград

Анадолу Ефес втора година по ред е европски кошаркарски првак откако турскиот гигант во супердраматично финале славеше над Реал Мадрид со 58-57. Иако стануваше збор за дуел на два одлични офанзивни тимови, овојпат одбраните го имаа главниот збор, а Турците беа поумешни во финишот и стигнаа до посакуваниот триумф, во уште една трилер-завршница по онаа во која го елиминираа Олимпијакос во полуфиналето.

Почетокот на големото финале мина во знакот на Валтер Таварес, центарот на Реал Мадрид целосно доминираше во стартната четвртина, фаќајќи офанзивни скокови по промашените удари на својот тим и носејќи им водство на „кралевите“ од 15-8. Пред самиот крај на четвртината во ритам влезе Шејн Ларкин, па Ефес се приближи на само еден поен негатива (15-14). Втората четвртина беше израмнета се до 22-22, кога Реал направи серија од 7-0, а потоа при 29-22 не реализираше и напад. Турскиот гигант го запре налетот на „кралевите“, но на одмор се замина со заслужена предност на мадридскиот клуб од 34-29.

Избраниците на Пабло Ласо беа подобар ривал и на стартот од второто полувреме, со тројката на Адам Ханга поведувајќи со 40-31. Карактерот на Анадолу Ефес уште еднаш се покажа на дело, Турците не само што се вратија, туку на почетокот од вториот дел со тројката на Мициќ преку Таварес поведоа со 42-43. Ефес поведе и со 44-47, но го загуби моментумот по лошото додавање на Ларкин, по кое една минута подоцна Љуљ донесе ново водство на Реал Мадрид, овојпат од 50-49.

Центарот Тибор Плајс погоди два важи шутеви и му донесе на турскиот тим ново водство, овојпат од 50-53, а на спротивната страна својата прва тројка на мечот ја реализираше Дек, за израмнување на 53-53 на две и пол минути до крајот. Ефес преку Мициќ и Плајс дојде до „плус три“, Љуљ умешно положи крај Брајант, па турскиот тим на 44 секунди до крајот имаше водство од 57-58 и напад. Реал го користеше бонусот со три лични грешки без слободни фрлања, но Ефес умешно го искорити времето, Ларкин го промаши последниот обид за тројка, но Синглтон изнуди мешаница под обрачите во која времето истече и турскиот гигант втора година по ред се радува на титулата во елитното европско натпреварување.

Василије Мициќ со 23 поени беше најефикасен во победничкиот тим, каде одличен придонес даде и Плајс, со 19 поени и седум скокови. Најдобри поединци во таборот на Реал Мадрид беа Таварес со 14 и Љуљ со 9 поени.

Се вчитува...