Египет откажа, Чиле е „планот Б“ за спаринг-партнер на ракометарите

Плановите за зимски подготовки на ракометнатаа репрезентација на Македонија се нарушија со откажувањето на планираното гостување на репрезентацијата на Египет. Домаќинот на следниот ракометен мундијал имаше договорено две контролни средби со „црвено-жолтите“ за крајот на декември, но по првите случаи на коронавирус во таборот на „фараоните“ ова патување беше откажано, па Египќаните воопшто нема да патуваат до крајот на годинава.

Селекторот Данило Брестовац ги планираше овие натпревари како добра можност за надигрување за комбинираниот состав на нашиот национален тим кој требаше да се собере пред крајот на годинава. Планот беше Брестовац и неговиот стручен штаб повторно да работат со дел од помладите репрезентативци, а доколку во меѓувреме пристигне добра вест за добивање на вајлд-карта за пласман на СП (Македонија е прва резерва на списокот на ИХФ), селекцијата експресно да се комплетира и да се одработат мини-подготовки за мундијалот.

По откажувањето на Египет, се очекува македонските ракометари на почетокот од 2021 година да одиграат две контролни средби со селекцијата на Чиле. Оваа репрезентација од претходно го имаше договорено своето доаѓање во Македонија за крајот на месец декември, Чилеанците планираат токму во Скопје да ги одработат своите подготовки за СП 2021, a дуелите со нашиот национален тим ќе им бидат добро загревање за мундијалниот настап. Чиле се наоѓа во група Г заедно со селекциите на Египет, Шведска и Чешка.

Се вчитува...