ЕХФ „дрим-тим“: Еден екс-вардарец во идеалниот тим на сезоната во ЛШ

Поранешниот ракометар на Вардар, Лука Циндриќ, е дел од идеалниот тим на сезоната во Лигата на Шампионите што денеска беше објавен од ЕХФ.

Европската куќа на ракометот традиционално го објавува дрим-тимот на еден ден пред почетокот на фајналфор турнирот во Келн, традиција што продолжи и годинава во пресрет на утрешните полуфиналиња ПСЖ – Алборг и Нант – Барселона.

Циндриќ сезонава е еден од лидерите на Барса, па заслужено беше избран за најдобар среден бек, а крај себе го има и десниот бек на каталонскиот гигант, францускиот „бомбардер“ Дика Мем. Бековската линија ја комплетира Микел Хансен од ПСЖ, најдобар голман е Никлас Ландин, кој се најде во овој дрим-тим иако Кил не се пласираше на завршниот турнир.

Шпанците Валеро Ривера од Нант и Алеиш Гомез од Барселона се најдобри крилни ракометари во ЛШ, а епитетот „најдобар пикер во сезоната“ му припадна на Фабрегас од Барселона.

Алберто Ентрериос од Нант заслужено се закити со признанието за тренер на сезоната во ЛШ, најдобар дефанзивец е Молгард од Алборг, а најдобар млад ракометар е Дилан Наи од ПСЖ.

Се вчитува...