Долговите кон ракометарите и дел од тренерите што си заминаа во изминатите години се причина Металург да се најде „на тапет“ во ЕХФ, па европската куќа на ракометот донесе одлука за суспензија на поранешниот првак на Македонија.
Дел од ракометарите на кои им се должи правдата ја бараат преку ЕХФ, одлуки во нивна корист добија Словенецот Шпенде и тренерот Зоран Кастратовиќ, а врз основа на истите Металург доби суспензија за настап во европските натпреварувања. Тимот од Автокоманда сезонава секако мака мачи во Супер-лигата и нема шанси за излез во Европа, а на управата останува во најскоро време да ги покрие овие долгувања за суспензијата да биде крената за во иднина.
„На состанокот на маргините на ЕХФ се одржа и редовниот состанок на Executive Committe na EHF, на кој повторно тема беа долгувањата на Вардар и Металург. Долгогодишните отсуства од ракометните собирања на претседателите на Клубови, наталожените проблеми во последниве 10 години, се обидувам и се уште успевам да ги менаџирам со редовните присуства на состаноците, на кои стекнав многу пријатели, кои ни помогнаа и овој пат да не застанеме, односно да продолжиме со домашното првенство оваа и наредна година, во кој период ќе најдеме начин да ги средиме моменталните проблеми. Секогаш има начин, ина волја и храброст да продолжиме. Можеби по потешкиот пат, но продолжуваме“, ја потврди веста за суспензијата претседателката на Металург, Зорица Блажевска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА