ЕХФ паѓа на лесни трикови, глумење жртва е омилена грчка олимписка дисциплина

Грчките медиуми, федерацијата и самиот клуб АЕК направија се за преку пропаганда да го оправдаат неспортскиот потег на клубот од Атина, кој одби да излезе на терен против Алкалоид и да го одигра реваншот од ЕХФ Европскиот куп во СЦ „Борис Трајковски“, во кој Грците секако се соочуваа со невозможна мисија за да ги надополнат оние „минус четири“ што ги загубија во Атина.

И доколку за сите нив оправдание е фактот дека го бранат сопствениот став, навистина неверојатно делува однесувањето на ЕХФ, куќата на европскиот ракомет која треба за задача да има да искоренува негативни појави и да го води овој спорт напред, наместо да го влече назад со канџите што ги носи национализмот и продавањето лажен патриотизам, појава што може да биде уште поопасна на долги патеки ако се толерира, како што тоа сега го прават челниците на ЕХФ.

Како поинаку да се протолкуваат двете катастрофални соопштенија, првото – дека мечот не е одигран од безбедносни причина, и ова второто од синоќа уште поневеројатно – со кое истрага се покренува и против Алкалоид.

Очигледна е тенденцијата на претседателот Видерер и неговите најблиски соработници да паѓаат на лесни трикови сервирани од нашиот јужен сосед, сведоци на тоа бевме и кога четвртфиналето со Партизан го преместија во „ракометна Бугарија“. Само што сега ситуацијата е сосема спротивна, сведоци бевме на перфектно организиран меч без ниту еден единствен инцидент до почетокот.

Неизлегувањето на терен беше пбјаснето затоа што не биле пуштени сите навивачи (да не заборавиме, АЕК имаше билети и грчки фанови во Скопје, но беше договорено заедничко сценарио за клубот од Атина наместо лузер да се претстави како маченик). Каде во светот, во било кој спорт, е нормално да не излезеш да одиграш натпревар затоа што не си добил зелено светло за сите билети што си ги побарал, да видиме дали ЕХФ како оправдание ќе најде преседан за ваквиот грчки кукавичлук… Затоа што правилото е јасно – неизлегување на терен на една екипа значи и автоматски пораз од службени 10-0.

Затоа и неодиграниот меч во Скопје мора да биде регистриран така и на ниту еден друг начин. Само што… проблемот е што ЕХФ со одолговлекувањето јасно покажува дека сака да измисли „топла вода“, само за да не ја донесе единствената исправна одлукла.

Плачењето на Грците беше очекувано, глумењето на жртва стана омилена олимписка дисциплина на нашиот јужен сосед. Соопштението на федерацијата им беше „срцепарателно“, особено делот како тие сите мечеви во Атина ги организирале беспрекорно. „Случајно“ заборавија да споменат дека со предмет од трибини во глава беше погоден нашиот Дамјан Митев.

Алкалоид тогаш имаше апсолутно право да го напушти теренот и да бара празнење на салата… но Лазаров и неговите млади и храбри момци не го сторија тоа. Затоа што се спортисти кои сакаат своите битки да ги водат на терен. И да победуваат на истиот тој терен, колку е пожешка атмосферата, толку да биде посладок и триумфот.

Грците очигледно имаат поинаква дефиниција за спортска култура, во која бегството е полесна опција од битката гради во гради. Но, проблемот не е во нив, туку во тоа што некој го толерира ваквото однесување… повторно и повторно…

До кога, тоа знаат само во ЕХФ, кои требаше најдоцна до денеска да пресечат и да донесат конечна одлука, но очигледно европската куќа на ракометот ќе стори се за оваа сага да продолжи.

Се вчитува...