Македонскиот првак Вардар испрати апликација за од следната сезона да биде дел од Лигата на Шампионите, потврди попладнево ЕХФ објавувајќи ја листата од клубови со загарантирано место во ЛШ, како и листата на екипи кои испратија апликации за да бидат дел од елитното европско натпреварување.
Лигата на Шампионите од следната сезона се проширува на 24 клубови, со што сериозно се зголемуваат шансите на Вардар како двократен европски првак да биде дел од ова елитно друштво.
Единаесет клубови имаат загарантирано место, а за останатите 13 билети за ЛШ конкурираат 13 тимови. Нема сомнеж дека „црвено-црните“ заслужуваат да бидат дел од ова избрано друштво, со оглед на реномето и двете освоени европски круни, но и одличните игри во ЕХФ Европската лига минатата сезона.
Одлуката на европската куќа на ракометот ќе биде објавена на 22 јуни, по што на 26 јуни во Виена ќе биде одржана ждрепката за Лигата на Шампионите.
Тимови со загарантирано место во ЛШ
Загреб, Алборг, Барселона, ПСЖ, Магдебург, Веспрем, Колстад, Киелце, Спортинг Лисабон, Динамо Букурешт.
Место во ЛШ како победник на ЕХФ Европската лига:
Мелсунген.
Барање за место од земји кои веќе имаат еден тим во ЛШ:
Архус, ГОГ (Данска), Нант, Монпелје (Франција), Фухсе Берлин (Германија), Пик Сегед, Татабања (Унгарија), Елверум (Норвешка), Висла (Полска), Порто (Португалија).
Барања од тимови од земји кои немаат загарантирано место во ЛШ:
ВАРДАР, Валур, Целје, Партизан, Криенс Луцерн, Кристијанштад.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
