ЕХФ пресуди: Три службени бода за Вардар, по два за Металург и за Пелистер

ЕХФ денеска и официјално ја донесе одлуката околу доделување на бодовите за оние натпревари кои беа одложени и нема доволно време за да бидат одиграни до крајниот рок од 4 март што од претходно го имаше поставено европската куќа на ракометот.

Вардар доби вкупно три бода за трите неодиграни натпревари во групната фаза од ЛШ, откако ЕХФ прогласи службена победа на „вардарци“ во Германија против Фленсбург, поради недопуштањето на германските власти „црвено-црните“ да влезат во оваа земја без притоа да минат задолжителен карантин. Овој триумф носи два бода, а Вардар доби еден бод и за гостинскиот натпревар против ПСЖ што е регистриран со службен резултат 5-5. Неочекувано, „црвено-црните“ службено го загубија домашниот дуел со ПСЖ, кој е регистриран со 0-10 за францускиот првак.

Екипата на Металург, која е дел од Лигата на Европа, доби два бода поради службената победа на домашен терен над Тулуз, откако францускиот тим веќе објави дека нема намера да допатува во Скопје.

Два бода на своето салдо доби и Еурофарм Пелистер, и тоа за службениот триумф над Рајн-Некар Левен откако германскиот гигант не можеше да пристигне во Македонија бидејќи потоа при враќањето назад во Германија ќе мораше да влезе во задолжителен карантин.

Се вчитува...