ЕХФ со комплименти за Работник: Никому нема да му биде лесно во Битола

Работник се подготвува за дебитантската сезона во Лигата на шампионите, а ЕХФ како дел од најавата за новата сезона од елитното европско натпреварување на својата официјална веб-страница го најави враќањето на врвниот ракомет во Битола, по пауза од цели 14 години.

Битолската „приказна“ на успехот се развива од година во година, па така лани „фармацевтите“ успеаја да стигнат до второто место и да си обезбедат дебитантски влез во СЕХА, што само по себе влијаеше и летово да се добие вајдл-карта за влез во ЛШ.

„Клубот го прави целиот град да биде горд, а Битола повторно ќе биде домаќин во Лигата на шампионите по цели 14 години“ – се вели во најавата на ЕХФ.

Две клучни прашања од кои ќе зависи успехот на битолскиот клуб се колку екипата ќе може да го искористи искуството на тренерот Алушовски, кој е еден од легендите на македонскиот ракомет, но и како ќе се снајде тимот по заминувањето на Кузмановски и Остроушко, кои беа клучни играчи минатата сезона.

„Ние сме нов клуб во Лигата на шампионите, но имаме искусни ракометари во тимот. Убеден сум дека Работник ќе биде тежок ривал за сите, ќе бидеме конкурентни и ќе ја завршиме групната фаза со победи. Оваа сезона е остварување на сонот за сите во клубот – прва година ќе играме и во ЛШ и во СЕХА-лигата“ – истакнува тренерот Алушовски.

Битолчани ќе бидат дел од групата Ц во Лигата на шампионите, а за ривали ќе ги имаат екипите на Савехоф, Кокс, Татран Прешов, Бидасоа и Спортинг Лисабон.

Се вчитува...