ЕХФ со официјален став: На ЕВРО 2022 ќе може да играат само вакцинирани и прележани ракометари

ЕХФ денеска и официјално ги објави протоколите поврзани со коронавирусот во пресрет на ЕП 2022 што ќе се одржи во јануари 2022 година.

По најавите дека на овој шампионат ќе можат да играат само вакцинирани ракометари, европската куќа на ракометот денеска официјално потврди дека покрај вакцинираните, на ЕВРО 2022 ќе можат да учествуваат и ракометари кои имаат прележано коронавирус.

ЕХФ информира дека на секои два дена ќе бидат вршени ПЦР тестирања врз учесниците на шампионатот, но организацијата нема да биде во „балон систем“, односно ракометарите и тренерите ќе можат да го напуштаат хотелот каде што ќе бидат сместени, при што ќе мора да почитуваат одредени правила.

Доколку се случи да се појави позитивен ракометар на тестирањата, целата репрезентација веднаш ќе замине во самоизолација. Врз остатокот од експедицијата ќе бидат извршени нови тестирања, доколку се добијат негативни резултати селекцијата ќе може да се врати во системот на натпреварување.

Македонија ќе биде дел од групата A на овој европски шампионат што ќе се игра во Дебрецин, каде нашите ракометари за ривали ќе ги имаат селекциите на Словенија, Црна Гора и Данска.

Се вчитува...